Popular Posts

Tuesday, May 3, 2011


 

Пред олтарот на Оганот


 

Го оставам градот на изгубените соништа да спие со лесен сон на плашлива Срна....го оставам градот на заборавените спомени во спокој да дреми навален лежерно на грамадата од камења многувековни ....без тага во себе ги оставам сеќавањата тука на парчево земја што е пред мене,уште неколку мигови ќе земам,по мене драгите сокаци да ги поминам,да ја слушнам низ ехото твојата насмевка,во некоја капка на заборавена чешма во нечиј двор,да го слушнам падот на некоја твоја солза,ќе прегрнам некоја друга жена,само еден мал мал дел од секундата,низ нејзиниот изненаден поглед ќе го видам твојот лик,и малиот трепер што ќе проструи низ телово ќе ги растури сите мои пластови на стравот на последниот лет.

Вечерва срцето е од стакло,прозирно,на места колажи нови има налепено,со боја црвена се обоени,нова и свежа... Не спие веќе срцево мое во дланките твои...гледам во облаците малку сињак расфрлаат по врвовите ладни на Плачковица...малку мистика има во тие сиви пластови што се таложат нечујно...... Безгрижна биди,весела и насмеана... Аманет оставив... Од спокојот мој вечен подалеку да бидеш.. Така светот твој ќе го заштитам... Така ликот твој свежина ќе има...

Се провлекувам полека кон закрилницата ,Од викотот преголем само во малава миговна празнина зборовите ги истурам,триста улави ѓаволчиња евеги повторно ги видов пред малку се влечеја,опашка од забава и сторија, тука под кожата лукаво се провлекоја да танцуваат низ вените,кога смеата ќе биде неподнослива,во крик ја претворам и кон небото го пуштам,нека отиде во неповрат,далеку е ноќта,знам ќе се плодат со блуд невиден,колку ли ќе ги има до светлината,илјада ли или повеќе,исцибрено е телото од нив,ја слушам песната како ја пеат во градите .

Од далеку со коработ на смрта допловивме

Низ пелин море со јадовни бранови се боревме

Врз пепел што некогаш надеж,сон,желба,ставрност беше

Газиме,безимени купишта правиме.

Легло спремаме,несакаме тажалинка лажна да дојди

Црна песна само три ужалени птици ќе пеат

Слушнав тогаш како од мака и каменот прсна,гулабица од сон се разбуди,на полноќ пее,зло ќе да биде кога таа се јави,така рекле стари,повторно слушнав како тупоти коњот вранец на место врзан е,ржи и тој кутриот злото го насетува,го нема,ни ехото на виежот волчи се сокри,под црна стена за него знам дека е таму сокриен,само гавранот ја пие светлината од моите очи,за спомен ,рече така тој,да гледал потоа со моите очи како победоносно ќе одиш по новиот булевар...во залезот на денот не реков домаќински добра вечер,ме преварија овие црни мали ѓаволчиња..ми оставија толку време од сенката моја да се простам,прошка да и побарам што така љубоморно ја влечев ете толку години,не и дадов ни збор да каже,само барав да молчи и да гледа...


 

Не крши попусто прсти крај јама празна кога ќе видиш ,без род сум,таков ме создала судбината,дождовница ќе ме искапи,сега тоа го знам,вечерва можеби ќе сонувам легнат на студена плоча,а ти свилен чаршав ќе диплиш за повторен спокој преморена од страста,моето племе опусти,моето село се запусти,тоа е пишано од наречници три....


 

-Доста е ,рече Веда жолта со тресок, не си веќе миленик на ноќта ,ни пак штитеник да знаеш,царството нејзино гледа како полека го напушташ,Бес голем сега збира,биди спремен со бесот нејзин вечерва да се бориш.


 

-Повторно ли ги отвори тие врати на секавање....малку со лутина во очиоте ме погледна..

-не, ги собирам на едно место,полесно ќе ми биде така да ги гледам кога ќе прегорат...

-оставиги нека беснеат,и тие претчуствуваат дека последни мигови престој им нудиш во себе,пуштиго чекорот сеуште сме далеку од денешната цел...

Повеќе пати се прашував дали навистина ги знае моето чуства,или само по изразот на моето лице вешто чита..

-ги знам твоите недостатоци,во почетокот се сомневав во твоите скриени способности,мислев дека немаш сила да ги разбудиш закржлавените и прастари моќи,

-но јас...

-биди љубезен кон себе,и никогаш повеќе со суровост не се казнувај,прифатија пофалбата што двапати ти беше дадена...

Тука светлината беше малку сржава,којзнае можеби од густите високи борови кои се бореа со палавите и немирни облаци,дланките нејзини се залепија на моите ,се преплетија прстите во еден чудесен спој што може да го направи само една заедничка мисла.

-знам за еден извор каде погледите се многу ретки,се погрижила планинава да го затвори со густак,упорните и желни за вистинскаа тишина лесно стигнуваат до таму....ајде....потрча онака детински,брзо и лесно,за миг се изгуби пред мојот поглед зад свиокот.по звукот на гранките кои се виткаа го следев нејзиниот чекор.кога веќе го чуствував нејзиното присуство пред мене се појави мала пољана заградена го густа шума,на самата средина имаше мал извор,од кој клокотеше чиста изворска вода,толку чиста што имав впечаток дека е почиста и од најневината детска солза...

-оставиги вреќите за спиење,имаме време за одмор се додека мракот не се залепи на оваа земја тука...

-имам чуство дека не гледаат нечии очи...

-во право си,погледниги оние два бели цвета што израснале на самиот раб од шумата...

-прекрасни се,но во сета таа нивна убавина како да има малку тага...

-ги има стотици,илјадници насекаде низ планинава се расејуваат,и секогаш растат на самиот крај од шумата,погледниги подобро,завртени се во правец према котлината..

-не го разбирам значењето на нивниот копнеж

-тука се верува дека тоа се очите на Илјадната Самоилова војска,копнеат по телото,ако имаш трпени наутро кога првиот сончев зрак ќе ги отвори нивните мали но нежни цветови,ќе видиш како од секој цвет капнува по една капка на земјата...плачат,плачат тие очи секое утро за стореното злодело,плачат за украдената светлина...човекот,како најсвесно суштество на оваа планета знае добро за смрта и животот,телото е мртво но очите се живи тука,и токму од таа причина овие цветови плачат...имај длабока почит према Човечкиот род,и таа почит ќе ти биде возвратена.

-зборуваш со глас кој ми зборува дека си го преминала мостот на смрта и и си осознала дека и после смрта има патеки за одење...

Се насмеа толку слатко,што во истиот миг на гранките од дабоот,долета мало семејство од шумски врапчиња,со црцорот свој си кажуваа кој каде треба да застане,откако брзо ги зазедоа своите места на посматрачи прекинаа чекаќи повторно да го слушнат тој насмеан поток на нов миг.

-смрта...повторно се насмеа...смрта е нашиот пријател,ако не би постоела смрта тогаш не би имале потик и смисла да живееме,само стравот од животот може да те однесе брзо во нејзините прегратки,прифатија како неминовност,и живототќе те наградува секое утро со сноп светлина,грст насмевки,и стотици или илјадници нови и победоносни чекори.

-а,ако умрев предвреме...ја прашав со малку студенило во гласот...

-ќе го казнеше твојот ангел чувар со најсуровата казна,заради тебе ќе мораше триста години да биде врзан со ладни и тешки ланци на ладна карпа...ќе ја казнеше твојата иднина,а во таа твоја иднина гледам има прекрасни мигови со личносто кои итекако ти значат,гледам има успони и падови,но твојата сила што сега ја осознаваш ќе те научи со насмевка да стануваш и уште посилно да грабаш кон секој нов ден.

-напати се чуствував како Јуда,чувството дека сум ги предал неостварените желби ме тераше да бегам во темнината,и таму сопствениот страв да го хранам обилно,со погледот од темнината гледав како луѓето во животот бараат и мала светлина за секоја нова патека,но во таа темнина видов дека туѓата неправда жив ме закопа,и можеби токму таа нанесена неправда беше потикот да станам и да одам.и крештавото смеење на живите демони што славеа за мојот пад беше уште една добра причина да продолжам...

-кога вечер ќе застанеш пред олтарот на оганот ќе ги видиш ликовите на демоните како горат со врисок страотен...


 


 


 


 


 


 


 


 


 


 


 


 


 


 


 


 


 


 


 


 


 


 


 


 


 


 


 


 

No comments:

Post a Comment